15-17/11/2019

Квиз и Тортијада 2019 – Осврт

Од 15 до 17 ноември 2019 година, во хотелот „Цар Самоил“ во Бања Банско успешно беа организирани и реализирани двете традиционални манифестации – квизот, во целосна организација на „Мобилност Македонија“, и Тортијадата во организација на „Мобилност Струмица“. На квизот учествуваа 15, а на тортијадата 10 претставнички екипи од здружените членки на „Мобилност Македонија“. Квизот започна попладнето на 15 ноември, во беспрекорна организација и подготвеност на организаторот, техничките можности беа на највисоко ниво, а пропозициите беа јасни и егзактни. И оваа година имаше одзив, но нивото на знаење како да стагнира, така што од можните речиси 100 бодови по една сеанса, само едно до две здруженија постигнаа 80%, односно 90%, а останатите 30-40%. Разните забелешки од порано и сега беа земени предвид, но генерално победија најдобрите и најподготвените, односно првото место заслужено го освои екипата на „Мобилност Велес“, второто „Мобилност Гевгелија“, а третото „Мобилност Скопје 2“. Сè на сè, едно добро доживување и искуство кое треба да се респектира. Директната врска на линкот на „Мобилност Македонија“ е придонес за догодина да има уште подобри перформанси и се надеваме дека идните учесници уште повеќе ќе го зголемат рејтингот и процентот на знаење. Тортијадата организациски ги надмина можностите. Учествуваа десет екипи, но на лице-место се подготвуваа шест торти. Сите учесници ја одработија својата задача и понесоа интересни пораки, а по разгледувањето и вреднувањето од страна на комисијата, одлуката беше првото место да го освои екипата на „Мобилност Велес“, второто „Мобилност Скопје“ и третото „Мобилност Гевгелија“. Настанот го водеше господинот Ѓорѓи Калајџиев. Особен впечаток оставија и тортите на „Мобилност Кочани“ (Калимеро и бунарот на желбите) и на „Мобилност Струмица“ (желбите за родителство на лицата со инвалидност), како и на „Мобилност Битола“, со флоскулите заедно сме посилни, со футуристички дизајн. Размислувајќи за иднината, ако вкусот и квалитетот на тортата е во втор план, тогаш организаторот во поканата да ги нагласи критериумите на жири-комисијата и натпреварувачите да не размислуваат дали нивната креација ќе биде и највкусна, или да има дегустација и да се спојат едните и другите, или пак по двата критериума. Сепак, сите слатки размислувања можеби и не се релевантни, а при сместување добро ќе беше да има по една хартија за придружбите на натпреварувачите. Отворениот тип на манифестацијата е добар, но треба да се истакнат главните актери. Инаку, многу добро е што тука беа сите спонзори и помагатели, традиционално градоначалникот на Струмица и многу други. Добро е и што се пренесоа пораките на нашата главна преокупација – пристапноста – и што целиот настан беше покриен од медиумите. Сè на сè, овие манифестации ја етаблираат „Мобилност Македонија“ како сериозен партнер на сите нивоа при заложбите за подобрување на животот на лицата со телесна инвалидност.

FACEBOOK: GALLERY