02/11/2025
На 2 ноември 2025 година, „Мобилност Битола“ успешно ја организираше и изведе манифестацијатa традиционално Дефиле на Широк Сокак и работилница. Овојпат темите беа „Стоп за маргиналиција и раслојување“ за дефилето, а „Плетење со чингелаќе“ за работилница, која се одвиваше во два дела. Започна со практичен дел на 31 октомври во клупските простории на „Мобилност Битола“, при што зедоа учество околу 16 членови и пријатели на здружението. За истата беа набавени средства – волница, чингелаќиња и разбој за почетници. Од особено значење беше присуството на членови на ЗУР „Македонски ракотворби“ од Битола, со чија помош за кратко време дури и почетници напредуваа и беа изработени првични експонати кои беа изложжени на вториот дел од работилницата после дефилето. На самата манифестацијата, за која беше изработен плакат и леток, според програмата, присутни беа и гости од „Мобилност Куманово“ и „Мобилност Штип“, како и пријателите од ЗУР „Македонски ракотворби“. Во присуство на електронски медиуми, претседателот прим. д-р Нико Јанков даде изјава во која го повтори значењето на оваа традиционална манифестација, и сегашната тема која драстично го нарушува единството и заедништвото во инвалидските организации и нивното организирано делување пред институциите на системот. Исто така, нагласено е и забрзаното раслојување на членството, особено на поединци и групи кои стануваат партиски активисти и со тоа се губи силата на застапување пред институциите на системот, односно тивко води кон растурање на националните сојузи на лицата со инвалидност. После дефилирањето, учесниците продолжија во ресторанот „Корзо“ на работилницата која исто беше во два дела. Модератор и еден од предавачите беше претседателот, кој накратко се осврна на најновите сознанија за оваа материја во нашата држава, општо и со трендовите кои не се во прилог за лицата со инвалидност. Потоа, со краток вовед во плетење со чингелаќе, се осврна на вроден и стекнат и инвалидтет, и на состојба и процеси кои ги следат низ животот лицата со телесен инвалидитет. Во овој контекст беше нагласено многу поволното влијание на плетењето со чингелаќе кон одржување и кондиција на состојбата на лицата со инвалидност, посебно телесен инвалидитет. Вториот настап беше на нашиот долгогодишен пријател, проф. д-р Сашо Кочанковски, кој со многу богата и инспиративна презентација ги долови сите придобивки од плетењето во одржување на позитивна состојба на општото ментално здравје. Проф. Кочанковски му даде исцрпна изјаца и на дописникот на МИА во Битола, проф. д-р Марјан Танушевски, кој е исто така долгогодишен пријател и поддржувач на нашето здружение. Приемот кај пристуните беше многу поволен, особено на нашите членки Симона и Билјана, на чија иницијатива ја организиравме оваа активност. Сѐ на сѐ, една богата и содржинска активност, на која се надеваме во иднина ќе се приклучат што повеќе наши членови и пријатели. Во секој случај, задоволството од постигнатото е наше и се надеваме дека во севкупните напори да постигниме подобро утре за лицата со телесен инвалидитет, ваквите манифестации се добродојдени и корисни. Активностите продолжуваат.