06/12/2025
По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 декември, како и по повод Националниот ден на Мобилност Македонија – 4 декември и 10 декември – денот на „Мобилност Битола“, членови на „Мобилност Битола“ и на нашите пријатели од ЗУР „Македонски ракотворби“ организираа дводневен хуманитарен базар кој се одржа на 6 и 7 декември во „Блис Мол“ во Битола. На базарот беа изложени бројни ракотворби исплетени во рамките на работилниците што се одржуваат најмалку еднаш неделно во текот на изминатиот период. Од шалчиња и капчиња за деца и за возрасни, брошеви, навлаки за перничиња до чорапи, ракавици и бебешки ќебенца – посетителите имаа огромен избор создаден од вредните раце на нашите членки и пријатели, а важно е да се спомне и дека дел од изложените плетива беа донирани од „Плетена коцка“ од Скопје, како и од повеќе поединци кои срдечно ја поддржаа и помогнаа оваа иницијатива на „Мобилност Битола“. За пофалба се заложбите на нашите членови Биљана Тодоровска, Симона Јовеска и Дејан Милевски, како и Дијана Милевска и Ивона Јанкова, а особено нашите пријателки Зора Долеска и Сара Долеска, кои се можеби најголемите „виновнички“ за успехот на овој настан. Благодарност за одличната соработка на Снежана Јанкулова и Гордана Лазаревска од ЗУР „Македонски ракотворби“, а особена благодарност упатуваме и до „Блис мол“, како одлични домаќини на најпристапната локација во Битола, без ниту една физичка бариера. Уште поважно е тоа што работилницата за плетење со чингелаќе продолжува со полна пареа и со секоја нова средба добиваме нови пријатели и поддржувачи. Веќе во подготовка е и Новогодишен базар, а во план е подготовка на осмомартовски и велигденски базар. Се надеваме дека трендот ќе продолжи и во Новата 2026 година, со уште позасилено темпо. Активностите продолжуваат.