20/12/2025
На 20 декември 2025 година во ресторанот „Корзо“ во Битола, „Мобилност Битола“ традиционално ја организираше предновогодишната забава за своите членови и пријатели, заокружувајќи ја годината што изминува и особено низата активности што го одбележаа месец декември. По повод 3 декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност/попреченост и 4 декември – Денот на Мобилност Македонија, УО на „Мобилност Битола“ донесе одлука за организирање на хуманитарен базар во соработка со ЗУР „Македонски ракотворби“ којшто се одржа на 6 и 7 декември во „Блис мол“, со ракотворбите создадени од вредните раце на нашите членки, пријатели и поддржувачи во рамките на бројните работилници кои и понатаму се одржуваат во просториите на здружението. Со друга одлука, УО реши да го спои чествувањето на Денот на „Мобилност Битола“ – 10 декември – со предновогодишната забава и со една манифестација да ги одбележиме сите овие значајни настани. Токму затоа, забавата на 20 декември започна со доделување на благодарници на иницијаторките и сите заслужни членови, активисти и пријатели кои имаа особен придонес во реализацијата на гореспоменатите активности. Потоа, педесетината присутни, меѓу кои и гостите од „Мобилност Штип“ и ЗУР „Македонски ракотворби“, во пријатна атмосфера и со музика од бендот „Носталгија“ продолжија да се забавуваат до доцните попладневни часови. Оваа дружба уште долго ќе ни остане како пријатно сеќавање, но и како поттик за уште повеќе нови дружби и иницијативи за новата година што ни е на прагот. Нека ни се среќни новогодишните и божиќните празници и Среќна Нова 2026 година!