16/05/2025
На 16 мај 2025 година, во рамките на програмата за одбележување на 18 мај - Меѓународниот ден на музеите, во Магазата беше промовирана новопоставената пристапна рампа што значително го подобрува пристапот во овој културен споменик и простор каде што се одржуваат бројни културни збиднувања.
На настанот беа поканети и присуствуваа повеќе членови на „Мобилност Битола“, чие мислење и одобрување на рампата се од особено значење за раководството на НУ Завод и музеј – Битола.
Пристапната рампа е од метална конструкција со бродски лим и соодветен степен на закосеност од околу 5,5%, а од двете страни се поставени огради со ракофати. Членовите на „Мобилност Битола“ ја тестираа рампата и оценија дека изведбата е добра, но самата површина е малку лизгава за време на дожд. Овој проблем може да се коригира со поставување/лепење на гумени ленти на растојание од 40 до 50 см, напречно долж рампата.
Го поздравуваме овој напор за зголемување на пристапноста во културните институции на нашиот град и остануваме на располагање за идни соработки. Активностите продолжуваат.