09/04/2026

Хуманитарен Велигденски базар на „Мобилност Битола“

На 9 април 2026, во пресрет на Велигденските празници, „Мобилност Битола“ организираше хуманитарен Велигденски базар на кој беа изложени ракотворбите создадени од нашите членови и пријатели во рамките на тековните работилници што се одржуваат еднаш неделно. Базарот се одржа на плоштадот Магнолија, со поддршка од Општина Битола, која ни обезбеди штанд за изложување на ракотворбите. Покрај брошеви и други парчиња накит, посетителите имаа можност да си набават и плетени кошнички за велигденски јајца, како и кутии за накит и послужавници украсени со декупаж техника, изработени во претходните серии работилници за ракотворби на нашите членови. Сончевото и топло време дополнително го разубави расположението и на посетителите, но и на нашите членови и активисти кои ги пречекуваа со насмевка - Биљана, Дијана, Маре, Ивона и Симона, воедно и како претставничка на Општина Битола. Успешната реализација и убавото дружење е уште еден поттик за оваа иницијатива да продолжи и понатаму, со надеж дека ќе се приклучат уште повеќе наши членови, активисти и пријатели на здружението. Со собраните средства се набавуваат материјали за тековните работилници што се одржуваат еднаш неделно во просториите на здружението. Веќе се разработуваат и планови за уште неколку вакви настани во текот на топлите месеци, што ќе придонесе за поголема вклученост и видливост и зајакнување на нашите членови, како и афирмација за нивното творештво. Активностите продолжуваат.