27/05/2026
На 27 мај 2026 година, во спортската сала на ЗИО, „Мобилност Битола“ организираше тематска работилница насловена „Едно е надеж, друго е очекување“, на која присуствуваа четириесетина членови и пријатели на нашето здружение, како и гости од здруженијата од Штип, Кочани и од Куманово. Промотор и прв излагач на настанот беше претседателот на „Мобилност Битола“, прим. д-р Нико Јанков. Во своето излагање, покрај едно од повеќето размислувања што е надеж а што очекување, со сите параметри на спротивности, како позитивност-негативност, истрајност-откажување, визија-безидејност, тој ја дефинираше надежта како исконски порив за преживување и остварување на целите во животот, наспроти очекувањето како исход и материјализација на поривот од надежта. Тука би спаѓало и стопирање на неповолна состојба – процес, пребродување и прифаќање, помош од семејството и заедницата, реализација на прописи, перспектива во животот и тн. На ова се надоврза вториот предавач на работилницата, Митрополитот Крушевско-демирхисарски г. Јован, инаку наш редовен и активен член. Од негов агол на перцепција на надежта и очекувањата, донекаде има совпаѓање, но и разлика во толкувањето дека многу важен фактор е духовноста, односно верата, така што на самото излагање се додаде и филозофско-теолошки пристап кој беше втемелен во основната замисла. Низ дискусијата ставовите се вообличија во овој заеднички пристап кој ни е потребен во овој брановиден момент за лицата со инвалидност. Совладување на овие навистина сериозни и вознемирувачки размислувања до апатија, да не речеме егзистенцијална криза, која мораме да ја надминеме по секоја цена и со сите алатки што ни стојат на располагање. Сѐ на сѐ, едно успешно дружење кое на крајот заврши со освежување со кафе и мала закуска. Благодарност до сите кои најмногу помогнаа во организацијата на настанот, особено на Дејан и Ивона. Активностите продолжуваат.